Tuesday, March 25, 2014

Изборен Сердар 25.03.2014

 Пискотници се слушаат од Галичник до Река,
 што тешка несреќа ги збра
 и мажите, и жените, та гласи тажна ека
 и навева сал коб и зла?

Само што пискотниците не беа од Галичник до Река- беа од Охрид до Струмица и назад.
Да, синоќа ова се случуваше во оваа наша тажна Македонија. Навистина тажна.Сега целосно го разбирам Прличев. За што се бореле тогаш и денес....Не е премногу реторичко прашање...Едноставно прашање на кое сите ние го знаеме одговорот.
Си викам, ех сеуште не можеме да се ослободиме од ропство, иако сме без поробител, самите на себе сме си џелати, самите на себе сме си поробители.
Затворени во мислата на подобро утре, не ги гледаме последиците од вчера и денес. 
Ќораво следиме нечии вредности и принципи заборавајки на своите.

Не, синоќа не бев на митинг, но не бев и поштедена од она што го затекнав после тоа - расфрлани шишина и хартии, недојадени оброци и недопиени пива.
Охрид личеше на град поминат од цунами- неколку пати. Не верувам дека и останатите градови во кои ќе се одржуваат вакви -манифестации- ќе бидат поштедени од цунамито - Малограѓанштина.
Прочитав на неколку портали дека Охрид беше преполн - ко во сред сезона, а можит и повеќе. Па беше.... Видов покрај езеро разџагорени луѓе, насмеани и распеани, чиниш слават 1991, каде место таму, на пиедесталот би зборувал Григоров за независноста на Македонија.
Каде ти е независноста сега, Македонијо?

Зависиш од две партии кои не ти даваат ништо а ти одземаат СЕ! Исти, драги мои...И двете се исти...Оти благосостојбата никој не ја ведел во овие дваесет и кусур години, сите се сеќаваат на онаа претходно.
Не...ја виделе оние кои биле на власт тогаш, сега и утре.
Повторно, некој креативец напишал - Во Македонија не се живее - во Македонија се ПРЕЖИВУВА...Ова  некако ме потсеќат на цитатине од Хихи - риху во Недела сабајле шо ги даваја, со иронично смеење во позадина, оти е вистина.
Во комшилуков, дневно ги гледам речиси сите комшии. Сите си поставувaaт едно прашање: Шо ќе прајме денес за ручек.
Чиниш толку е тешко, или толку е сиромашна Македонскава кујна шо морат да имат непрестани консултации и совети и покрај телевизиските емисии.
Никој не ти кажува како да прехраниш четири члено семејство со девет илјади денари, од кои четири ти се за струја, една илјадарка за вода, комуналии и нискоградба, и дванаесет за кредитот шо си го зел од некоја Банка.

Ако му верувате на Вашот Македонски народ онолку колку што тврдите дека го прaвите тоа, не гледам причина и потреба да водите предизборна кампања, та едните та другите. Оставете го народот да си одлучи кому ќе поклони парче добра кременадла, додека самиот крпи за леб.
Ако сте го направиле она што тврдите, или другите украле онолку колку што не сме виделе, оставете народот да си реши.
Пред години правев споредба: Македонскиот народ е ПИРЕЈ, Пиреј неуништлив, Пиреј неистреблив.Згрешив. Оти и дивата трева ќе се најди некој да ја искорне.
Самоистребување и искоренување. Преселба на Пирејот на други поровки почви од онаа на која се појавил.Само и само да продолжи да живее, оти тука е газена од сите страни.

И не сум толку патриотка колку што звучам...