Wednesday, February 20, 2013

Алиса во Македонија 20.02.2013

Кој прв почна?
Почна оној кој никогаш не заврши... Откако Алиса заспа, се наспа и се преспа не и се брзаше да се разбуди во оваа земја, си помисли : Ух, па добро, јас сум Алиса во земјата на чудата, а по некое чудо сум се нашла во Македонија. Сепак јас сум онаа која кога сакам можам да се зголемам, да се намалам и да ги направам проблемите какви што се и не се.
Можам да ја изедам бобинката и да изчезнам, но дали се би било така лесно...така интересно како што е овде?
Решив да не се мешам во оваа шума, доволно е луда за да си ги реши проблемите сама, се додека не ми засега некоја друга приказна , некоја друга земја.

Во оваа шума каде Волкот ги чува Овците, каде  Црвената Лисицата ги дава своите кокошки во корист на другите Лисици, каде Лавот е принуден да ги храни Орлите....  Во оваа земја каде ништо не е исто како порано... Каде природата го изгубила својот тек, каде овците веќе немаат волна за стрижење...
Впрочем, никој не е толку сиромав за да не може да му се одземе се...
Кутрите Овци, бекаат, бекаат за храна, бекаат затоа што немаат вода за пиење, бекаат затоа што немаат млеко за третото јагне, бекаат затоа што Волкот нивниот заколнат непријател, сега седи пред нивните врати и ги чува.
Зарем сега, кога Волкот е толку близу, нема да се потруди да ги најде нивните скривалишта, нивните залихи и тајни? Тоа е истиот оној Волк, кој ги изеде нивните јагниња, кој сакаше да ја земе нивната шума, кој заедно со друга глутница Волци се закануваше со целосен масакар на овчо месо....Ако не, тогаш тој би бил навистина глупав волк...

Црвената лисица, не е толку глупава... својата мудрост навистина ја накалапила.... Ги убедила своите 42 лисици повторно да се кренат против Лавот... Како во шумата да нема веќе доволно проблеми... Решила својот плен да го дели, а со тоа лисиците благодарно ќе ја следат.
Ох,  зарем сите лисици не треба да делат барем некоја трошка мудрост?
До кога Лисицата ќе пробува да го замени Лавот? Зарем сеуште не го научила синџирот на исхрана? Ох, Лисицо, остави ја шумата на мира, Алиса планира да ти ја откорне опашката.

Лавот... Што би можел да раскаже тој?
Се бори со Волците... Сигурно ја знае онаа : Од бројаните Овци, Волкот не јади... Кога би било така само... Свесен Лавот, ги става Овците во устата на Волкот...
Ги храни Орлите, учејки ги нивните малечки да летаат, нудејки им нови поишта за храна, нови дрва за живот, се труди шумата да ја граничи со небото... Знаејки дека небото нема граници, за разлика од шумата..... Си помислува за миг дека сепак Овците ќе останат недопрени...

Алиса, трепка... Се двоуми дали да се буди... Решава да ги остави работите онакви какви што се. Се додека спие, веројатноста дека во шумата се ќе се врати како порано се големи...
Алиса во Македонија...

No comments:

Post a Comment