Monday, January 28, 2013

Душа 28.01.2013


Мојата душа е навидум како вашата... Едноставна...

Додека чекорев по слабо замрзнатиот пат, наидов на едне пар... Навистина не беа нешто многу постари од мене... Девојката ме одмина, а дечкото безстрамно заклучи : Имаш многу тажни очи, и го забрза чекорот за да ја стигне саканата.
Уххх, си помислив од кога тоа луѓето почнаа да ги читаат моите очи, оти до сега никој не ја беше забележал празнината која се зголемуваше со секое трепкање кое принудно го правев, не дека сакав, едноставно очите почнуваа да ме печат од толку напор да останат отворени.
Не се ни сеќавам како стигнав дома. Знам дека само сакав да легнам, и да го закопам заклучокот длабоко под перницата.
Како и вас, не признавав дека нешто во мене се менува. Себе си се казнував како евнух, на кој не по своја воља го снашло она што се нарекува живот.
Како Јуда на Христос, така јас на себе се предадов по не знам кој пат... И колку  да се бесев, како феникс од пепелта повторно се воздигнував за ново предавство. Како тоа да ме хранеше. Со тоа ги побивав сите оние теории за кои заговорничи ги убедувам другите, а во кои не сум убедена и самата.

Мојата душа е навидум како вашата... Грешна...

И не поминува ден и час а да немам грешна мисла. Зарем вие не?
Не верувам во покајание, секој од нас е виновен за своите одлуки и треба целосно да ги сноси последиците, и дека што и да правел го правел по своја воља, свесно за туѓата среќа или несреќа што може да ја предизвика....
Секој од нас е виновен за создавањето на молекулот бидејки секој од нас остава атоми на грев.
Да, за да ви биде појасно, не сум религиозна личност, верувам во себе, во сила во која Вие верувате, космичка, божја, во карма, во Исус, во Алах, во Буда....
Верувам во она што го држи човештвото на работ на разумот...

Мојата душа е навидум како вашата... Искрена...

Треба да се помирите со она што го гледате во огледалото. Тоа сте вие. Вашиот дом....  Можете да го одминувате ходникот на вашето олицетворение, но во секое поточе, сенка, во очите на другиот, ќе го препознаете вашиот одраз.
Вашата душа е она што другите не го гледаат, она што само вие го знаете, она што само вие го чуствувате. А кога за миг би биле искрени со себе.....

Мојата душа е навидум како вашата... Вечна...

Одразот нека не ве плаши, навистина. Вечни сте. Осудени сте по сите закони кои ги познава човештвото. По сите оние стереотипи за кои ќе патите ако не ги осудувате, за сите оние обичаи кои мора да ги направите а не ги сакате, за сите оние луѓе кои ве сакаат а не ги познавате.

Теориите се контрадикторни, како и моето и вашето постоење. Секоја реченица не треба да има смисла, секој заклучок не мора да биде реален, секој поглед не мора да биде откриен...
Оти мојата душа е навидум како вашата...  Колеблива....


No comments:

Post a Comment